СОВЕТИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ОРАЛНА ХИГИЕНА
Многу важен момент во чување на здравјето игра и одржувањето на оралната хигиена.
Каква треба да биде четката за заби?
Четката треба да биде со вештачки влакна заоблени на врвот, поставени во снопчиња, а главата на четката со големина во зависност од тоа дали се работи за дете или возрасен. Децата треба да користат четки со помала глава, а возрасните со поголема.После секоја употреба четката треба убаво да се измие и се става во чаша да се суши(не се става веднаш во кутија). Четката треба да се менува на секои 2 до 3 месеци, а по потреба и почесто.
Колку пати на ден треба да се четкаат забите?
Најмалку два до три пати во текот на денот. Задолжително е четкањето навечер пред спиење за да се отстранат остатоците од храна кои се подлога за делување на бактериите.
Како да се четкаат забите?
Во целата постапка на четкање најважно е тоа да се прави со кружни движења почнувајќи од крајниот лев катник и се оди нанапред до предните заби при што се прави масажа на непцата, а во исто време и отстранување на меките наслаги на забите. Потоа се оди десно до задниот горен катник. Истата постапка се повторува и во долната вилица. Се отвара устата да се измијат и гризните површини со движења на четката напред назад и на крај се четкаат и внатрешните површини на забите почнувајќи од горниот лев па се до долниот последен катник. Устата се плакне со многу вода за да се отстранат сите нечистотии кои со четката се отстранети од нив.
Како помошно средство за чистење на остатоците од храна кои не се отстраниле со четка се користи забен конец. Конецот се користи за чистење на интерденталните простори на забите но треба да се внимава да не се оштети непцето.
БРЕМЕНАТА ЖЕНА И ПОСЕТАТА НА СТОМАТОЛОГ
Често пати може да се слушне како за време на бременоста на жената и се расипале забите. Наводно објаснување за ова е зголемената потреба од калциум на бремената жена, па се искористува оној од забите. Калциумот во забите е во форма на стабилно соединение (хидрокси апатит) кое се создава за време на минерализација на забите и тој процес е неповратен, за разлика од калциумот во коските кој е во форма која дозволува според потребите на организмот лесно да премине во крвотокот, или од таму да се вгради во коските. Значи доколку со храната не се внесува доволно количество на калциум, тој недостаток ќе се надополни со трошење на калциумот од коските, а не од ткивата на забите.
Забележано е дека кај бремените жени е почеста појавата на кариес но причините за тоа се наоѓаат на друго место. За време на бременоста многу често се јавуваат повраќања ( како резултат на променета хормонална состојба ), а со самото тоа се јавува и зголемена киселост во устата, што пак од своја страна овозможува поволни услови за размножување на бактерии и деминерализација на емајлот.
Кај бремените жени поради зголемена концентрација на прогестеронот, често гингивата е воспалена (има црвенило, оток, болка, крварење и сл.). Тука често се ствараат таканаречени лажни џебови во кои се собира храна и доаѓа до расипување на забите.
На бремената жена и се советува редовно да го посетува својот стоматолог во текот на целата бременост при што редовно ќе биде прегледувана и советувана за правилна нега на устата и забите.
Жената штом ќе дознае за својата бременост треба да го посети матичниот стоматолог.
Лекување на забите во бременоста или не?
Тоа е едно од најпоставуваните прашања кај бремената жена. Одговорот е да, може да се лекуваат забите. Стоматологот е тој кој ке го избере најдобриот и најбезболниот начин на лекување без да му наштети на плодот.
Вадење на заби кај бремена жена или не?
Често кај бремената жена постои страв од вадење на заби во текот на бременоста мислејќи дека со самото вадење и примање на анестезија ќе му се наштети на плодот. Можеби до негде тој страв е оправдан доколку екстракцијата се прави во текот на првите четири месеци од бременоста или во текот на осмиот месец. Вадењето на заби меѓу овој период доколку тоа е неопходно може да се изврши но само во консултација со матичниот гинеколог кој ја прати бременоста.
Дали за време на бременоста да се врши рендгенско снимање на заби или не?
Понекогаш е неопходно во текот на бременоста да се изврши рендгенско снимање на забите, но и за тоа постојат одредени услови. Таквата постапка не смее да се направи само во првите 12 недели од бременоста. После овој период е дозволено снимање но само со исправен и современ рендген апарат на кого редовно се правени проверки и заштитни мерки во однос на количината на зрачење што ја испушта.
Што е со употребата на антибиотици во текот на бременоста?
Доколку во текот на бременоста е неопходно да се употребуваат антибиотици тоа треба да се направи со претходна консултација на гинеколог. Од стоматолошка гледна точка се забранува употреба на антибиотици од групата на тетрациклини, кои доколку се употребат за време на бременоста може трајно да ги пребојат забите и да го пореметат развојот на коските и ноктите.
ОРТОДОНЦИЈА
- Пратење на растот на забите и развојот на вилиците
- Изработка на фиксни апарати со порцелански и метални брикети
- Мобилни апарати
Прегледите и консултациите се бесплатни, а ги прави специјалист ортодонт.


